Мал Ајакс го загуби мечот со Осогово и останува на дното во Првата футсал лига, фаворитите според планот!

Екипата на Мал Ајакс го загуби дербито од дното на 7. коло во Првата футсал лига губејќи во Крива Паланка со 6:5 од Осогово. Натпреварот донесе многу возбуда, страст и неизвесности, а херој за домашниот тим е Кристијан Ивановски кој погоди во последните секунди од мечот и така обезбеди втора радост за Осогово, а Мал Ајакс се враќа во Штип со празни раце и останува на дното од табелата.

Бојан Иванов за Осогово постигна хет-трик, а по еден гол постигнаа Кристијан Станојковски и Кристијан Ивановски, а пак за гостите од штип Иса Дурмишов постигна два гола, но притоа си постигна и автогол, Сердар Синанов беше стрелец на два гола, а Теодор Наков на еден гол.

Фаворитите одиграа според планот – Проект со 1:5 го декласираше Шкупи во гости, шампионот Форца со 10:6 го доби Јувентус Серава, Кеги Моби беше пресилен за Клими со 1:6, а пак Бутел ја доби голеадата со дебитантот Балкан со 9:4.

На челната позиција како непоразен лидер е Проект со максимални 21 бод, Форца е втора со тоа што бранителот на двојната круна има 18 бодови, Кеги Моби е трет со 15 бодови, а пак Бутел е четврти со десет бодови.

По девет бодови имаат Клими, Јувентус Серева и Балкан за делба на петтото место, Осогово е осми со шест бодови, а во опасната зона е Шкупи како претпоследен со четири бодови и штипски Мал Ајакс како последен со три бодови.

Александар Ванев, М-Нет