Кривични во ОФС Валандово, осомничени претседателот и секретарот, штетата проценета на 1,35 милиони денари

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Валандово при СВР Струмица поднесе кривична пријава против К.С. (66) и М.Г. (54) од Валандово, поради сомнение за сторени кривични дела „измама во службата“ и „фалсификување службена исправа“.
Според информациите од полицијата, првопријавениот во својство на претседател, а второпријавениот како секретар на Општинскиот фудбалски сојуз Валандово, во периодот од 2021 до 2025 година во повеќе наврати регистрирале фудбалски клубови за настап во Општинската фудбалска лига Валандово без тие да ги исполнуваат условите за минимален број на фудбалери предвидени со правилникот на Фудбалската федерација на Македонија.
Со ваквите постапки, според истрагата, бил зголемен бројот на делегати во Собранието на ФФМ, на кои потоа им биле исплаќани надоместоци по различни основи. На тој начин, осомничените за себе и за други лица прибавиле противправна имотна корист во вкупен износ од околу 1.350.000 денари.
Покрај тоа, полицијата ги сомничи дека изготвувале и службени записници за наводно одиграни натпревари, во кои биле внесувани невистинити податоци за учесници и натпревари што воопшто не биле одиграни.
Случајот претставува нов удар врз македонскиот фудбал, откако во изминатиот период беа отворени повеќе постапки поврзани со работењето на фудбалските организации и нивното учество во системот на управување на ФФМ.