
Оловните плочи од кровната конструкција на штипскиот Безистен повторно мета на крадци. Едно парче е однесено, а штета има на шест делови од кровната конструкција, вели директорот на НУ Завод и музеј, Митко Штерјов. Со ова штета на овој заштитен споменик на културата се нанесува по вторпат.
„Ни се повторува минатата година, уметничката галерија „Безистен“ повторно е мета на крадци. Синоќа во доцните ноќни часови пак оперирале на кровната конструкција од Безистенот. Однесено е едно парче и оштетени се повеќе парчиња од кровната конструкција, така што вредноста на штетата е околу 30.000 денари. Не се работи толку за парите, колку за настанот кој повторно се случува во центарот на градот. Повторно минатата година имавме штета околу 400.000 денари, досега не успеавме да набавиме средства да ја обновиме кровната конструкција“, вели директорот Штерјов.
Пријава за кривично – правниот настан има и во СВР Штип, од каде посочија дека пријавата е пристигната 57 минути по полноќ и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Минатата година на денешен ден во јануари СВР Штип приведе четворица крадци од Штип и Струмица кои четирипати украдоа околу 30 оловни плочи од кровната конструкција. Инаку, оловните плочи се рачно и автентично направени. Објектот е заштитен од државата, како споменик на културата, а е изграден во средината на 16. век.
Ребека Спасова М-Нет