Кочанскиот клуб за реално аикидо „Нико“ отвори нова секција во ОУ „Малина Попиванова“

Клубот за реален акидо „Нико“ од Кочани ги прошири своите можности и започна со тренинзи во салата на ОУ „Малина Попиванова“. Вчеравечер се одржа првиот тренинг на новата секција, која подоцна има тенденција да се оформи и како посебен клуб. На тренингот присуствуваа триесетина деца, но од Клубот очекуваат овој број да порасне, бидејќи ова е само прв тренинг.

„Гледајќи ја заинтересираноста на децата, како и можноста за проширување на клубот со нашиот тренер нашиот матичен клуб да го прошириме и да започнеме со тренинзи“, вели Кирил Јованов, мајстор по реален акидо втор дан.

Тренинзите се наменети и за деца и за возрасни, а ги водат обучени мајстори по реален акидо. Од клубот упатија апел до сите оние кои се заинтересирани за ваков спорт, да ги контактираат и да се приклучат на тренинзите.

„Има деца кои доаѓаат од ОУ „Никола Карев“, исто така има и неколку нови членови кои првпат доаѓаат овде, најверојатно, затоа што им е подобра локацијата. Заинтересираност има од речиси целиот град, а некои деца доаѓаат и од соседните села. Тренинзите ќе бидат секоја среда и понеделник во салата на ОУ „Малина Попиванова““, вели Кирил Апостолов, мајстор по реален акидо втор дан.

Првиот човек на кочанскиот клуб „Нико“ вели дека тенденција на Македонската аикидо федерација и претседателот Ѓуро Илиќ е популаризација на реалниот аикидо како вештина, а идејата е да се прошират и во Виница и соседните општини. Во моментов клубот има девет мајстори кои се подготвени сами да одржуваат тренинзи и да имаат свој клуб.

„Кочани како отсекогаш, така и сега, знаете, има голем потенцијал во спорт и боречки вештини, секогаш бил репрезентативен град со карате, борење. Имаме голема соработка и со сите клубови во Кочани, како од карате, така и борење. Целта на сите наши клубови е да ги собереме децата од пред телефоните и компјутерите. Се надевам дека идејата во скоро време ќе ја реализираме и во соседните општини“, вели Николчо Гоцев, претседател на Клубот за реално аикидо „Нико“.

Реалниот аикидо е вештина за самоодбрана. Примената на оваа комплексна вештина ја зајакнува концентрацијата, координацијата, волјата, решителноста, самодовербата, се зголемува отпорноста на стрес. Основна поставка на реалниот аикидо е ефективно да се совлада противникот, а притоа физички да не се повреди.

Ребека Спасова М-Нет