
Исплатени основните субвенции на оризопроизводителите од кочанско, ама не и дополнителните три денари. Ветено е до први март дека ќе биде исплатено сѐ, а доколку тоа не се реализира стои можноста да се излезе на протест со блокада на регионалниот и експресен пат Штип – Кочани. Оризарите незадоволни велат дека ситуацијата не е добра, лани субвенциите биле 2500 денари, а годинава се намалени на 1800 денари. А на почетокот на новата сеидба се повеќе од потребни.
„Субвенциите ланска година беа 2500 денари по единица декар, од 2500 ги намалија на 1800 денари. Тие 1800 се исплатени на 90% од оризарите, основните субвенции. Ако мислат дека е добро не е добро. Субвенициите за нас се една обична лижавка. Дополнителните три денари за реколта 2021 година, веќе пет до шест месеци не мачат и не ги исплаќаат. Кажаа дека до 1 март, ќе почекаме. Во спротивно ќе излеземе на блокада“ – вели Арсов.
Во целост не е започната и подготовката за новата сеидба, бидејќи површините се мокри, а не се дозволува палење на земјоделските стрништа. Арсов вели дека ова мора да се практикува за да може поголем дел од нивите во кочанско да бидат посеани со бело злато.
“Уште не е почнато, сега стрништата не даваат да се палат, а ние не можеме да сееме, мокри се површините, луѓето се измачени“ – додава Арсов.
Во последните три до четири месеца над 50 жители од Облешево се иселиле и заминале на работа во странство. Куќите остануваат празни, нивите не посеани, млади нема, ниту пак има кој да работи земјоделие. Според оризопроизводителите ситуацијата е алармантна и треба да се реагира за да не изумре оризот како култура.
Лаура Стојанова М-Нет