Има ли решение меѓу здруженијата за заштита на животните, Општината и операторот?

По последните состојби на кои и медиумски реагираа здруженијата за заштита на животните, меѓу засегнатите страни денес се одржа состанок во Општина Штип. Заедничка работа на терен при заловување и вдомување на бездомните животни, но и редовна писмена и усна комуникација се дел од денешните заклучоци на средбата на која присуствуваа претставници на Здруженијата за заштита на бездомните животни, Општина Штип и Ветеринарната станица „Тодор Велков“ од Куманово. Медијатор меѓу трите страни беше активистката Кристина Ампева, која истакна дека сите страни беа согласни дека треба да работат заеднички како здруженија и Општина на превенција.

„Истакната беше потребата за наредната година, во буџетот предвиден за операторот кој ќе биде избран, да се планираат 4Д тестирања за да се внимава на евентуални болести кои би можеле да бидат проблем и за домашните миленици. Во врска со заболените кучиња, постигнат е договор операторот да биде во контакт со активистите, а еутаназијата да биде последна опција и сведена на минимум, повторно, со претходен договор со активистите во комуникацијата која ќе биде веднаш отпочната“, вели Ампева.

Посочи дека со Општината е постигнат првичен договор кој вклучува планирање и спроведување стерилизација од наредната година кај женските домашни миленици доколку граѓаните не можат да го дозволат тоа со нивниот буџет, а сѐ со цел да не се зголемува популацијата на нови млади бездомни животни по улиците низ Штип.

„Планирана е и кампања за подигање на свеста кај граѓаните се со цел намалување на бројот на бездомни животни, напуштање на животни на улица, да спроведуваат граѓаните вакцинација и чипирање на домашните миленици. Но и неодговорното однесување на одредени индивидуи со нивните домашни миленици треба да се санкционира од страна на службите“, вели Ампева.

Заклучокот на трите засегнати страни е дека и оваа кампања мора да се започне итно, особено кај најмалите, децата, за на долг рок да имаме свесни и одговорни граѓани кои ќе се грижат за своите миленици и немаме бездомни животни по улиците во нашиот град. Инаку, првата средба беше одржана на 31 октомври, а на истата присуствувале активистите од двете здруженија, градоначалникот Иван Јорданов, раководителот на одделението за инспекциски надзор и две претставнички од Центарот за јавно здравје.

Ребека Спасова М-Нет