Изложена годишната традиционална изложба на студенти од три факултета при УГД – Штип

Изложба на студенти од три факултета при УГД во Уметничката галерија Безистен. Станува збор за традиционална годишна изложба на студентите од Ликовната академија, насоките сликарство и вајарство, студентите од Факултетот за природно – технички науки, насока Aрхитектура и дизајн и студентите од Технолошко – техничкиот факултет, на насоката Мода.

„Овде се изложени околу 150 студентски работи, работени во различни техники и студентите претставувани на различен начин, секој како делува во својата професија. Можат да се видат од авангарден пристап на изразување до типично класичен израз. Можеби, сето ова делува малку измешано или невообичаено, но таа е и целта – да видиме како студентите од различни факултети може да создаваат една целина, да се потпомагаат“, истакна деканката на Ликовната академија, Катерина Деспот.

Според студентите, станува збор за интересна активност, но доста напорна имајќи предвид дека временскиот рок за изработка е определен.

Изложбата во Уметничката галерија Безистен ќе биде отворена и достапна за заинтересираните посетители десет дена почнувајќи од денес.

Ребека Спасова М-Нет