
Комисиите за проценка на штети се на терен, откако градот во неколку општини направи штети на лозовите и овошните насади, житните култури и пластениците. Пари во буџетот за исплата на земјоделците од елементарни непогоди има, порача денеска ресорниот министер, Љупчо Николовски.
Но мал е бројот на земјоделци во oпштина Лозово и во останатите земјоделски региони кои ги осигуруваат посевите, од причина што има недоречености во општите правила за осигурување.
Пропустите, високите премии и тешката наплата на штетите на осигурениот род се причина што голем број од земјоделците не ги осигуруваат своите насади. Министерот Николовски најави дека за решавање на овој проблем наскоро на Влада ќе се најде и новиот Закон за за задолжително земјоделско осигурување, а ќе се носат и други мерки.
Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето велат дека сега од 11 компании, четири продаваат земјоделско осигурување. Во тековната година се склучени само 654 договори за осигурување во земјоделството и сточарството, вредностa е близу 119 милиони денари. Сумата на бруто исплатена штета е 400.000 евра, додека лани таа сума достигнала речиси пет милиони евра.
Ребека Спасова М-Нет