Изградбата на катната гаража во Штип повторно наиде на реакции од директорот на Домот на култура

Откако не наиде на разбирање од општинските служби, директорот на штипскиот Дом на култура, Горан Трајков, правдата ќе ја бара во повисоките институции. Реагира дека градбата на катната гаража во секоја фаза сѐ повеќе ги поткопува темелите на оваа културна институција. Од штипскиот Основен суд бараат времено запирање на работата, претставки има и до Државниот градежен инспекторат, а на терен ќе излезат и од Градежниот институт откако, како што вели Трајков, никој од градежните проценители не се нафатил да го направи тоа. Досега на терен биле само од Труд и социјала.

„Се обративме до Градежен институт во Скопје, каде што побаравме помош и кажавме кој е проблемот со градежните проценители, тие се нафатија и во следните денови ќе дојдат и ќе ја утврдат оваа штета. Испративме до Државниот градежен инспекторат претставка во којашто ги наведовме сите овие аномалии коишто ги има и како се изведува на лице место. Очекуваме да излезат и да реагираат. Излегоа од МТСП и утврдија невработени луѓе коишто работат неосигурни на оваа катна гаража, испративме времена мерка до Судот, бараме итно стопирање и ревидирање на овој проект и дали ова подложи на поставување урбана опрема или е целосен градежен зафат“, додава Трајков.

Општинскиот градежен инспектор, вели Трајков, нема излезено на терен и по четири недели од поднесената претставка. Не реагирал ниту сообраќајниот инспектор. Трајков посочува оти изградбата на едно нешто, не смее да ја запре работата на друго и за него ова претставува чист вандализам.

„Да излезе општинскиот градежен инспектор на лице место, да ја утврди штетата којашто е настаната, уништувањето на заземјувањето на самиот објект којшто подлежи на целосна проектна документација и нанесување штета ако дојде до, не дај Боже, удирање на гром, затоа што овој објект е еден од повисоките во овој дел на градот, може да се запали. Не значи и не смее да се прави нешто, а друго да се уништува и другите да се оневозможуваат да работат“, вели Трајков.

Трајков и претходно реагираше во однос на изградбата на катната гаража, која, според него, за културната институција би донела пропаст. Тогаш градоначалникот Јорданов посочи оти тоа е обид за опструкција, а својот став го потврди и денес во писмено соопштение.

„Општина Штип оваа година реализираше повеќе од 200 проекти, годишниот буџет е двапати поголем од она кое го имавме во 2021 година, во моментов реализираме уште 20 проекти, а сето ова во интерес на граѓаните. Ваквиот начин на работа им пречи на СДС и нивните локални гласноговорници. Затоа бараат начини и методи за опструкција и замајување на јавноста. Тие нека продолжат со негирање и опструкции, а ние ќе продолжиме со интензивна работа за и невозможното да го направиме возможно!“ – вели Јорданов во писменото соопштение.

Трајков смета дека ваквото работење отвора можност за секого да работи без дозвола и посочи оти во следните денови ќе излезат со комплетна документација.

Ребека Спасова М-Нет