И кочанските пензионери на протест побараа линеарно зголемување од 5.000 денари

И кочанските пензионери на новиот протест бараат линеарно зголемување од 5.000 денари. Посочија оти досегашните 3.500 денари ги изеде инфлацијата, па затоа сега ќе бараат сума повисока за 1.500 денари. Остануваат на тоа минималната пензија да биде од 18.000 до 20.000 денари.

„Остануваме сега при барањата наши – 5.000 денари линеарно зголемување на сите оти е створена една разлика, барем да се одржи, а не процентуално. Може да го земат грчкиот модел, ама не сакале, добро. Остануваме на нашето барање од 5.000 денари“, вели пензионер.

Пензионерите посочија на иселувањето на младите и велат дека тие остануваат како последен браник на исполнувањето на нечии желби. Повторно потсетија на високите трошоци за живот и недостатокот на животен стандард.

„Една работа сите нѐ мачи, сите ние пензионерите во просек од 2000 до 3000 денари, па и повеќе, даваме само за здравје, односно за лекарства. Другата работа е тоа што сега доаѓа грејна сезона, да се запрашаме дали имаме дрва, да си ставиме зимница дали имаме… Ние не напаѓаме некого, не бистриме политика, ние сме обични смртници, поминавме еден период на транзиција, војна, стресови… “, додаваат пензионерите.

Пред извесно време 5.000 денари побараа и штипските пензионери, а следниот протест го најавија за 11 октомври.

Ребека Спасова М-Нет