„Изворот на мојата душа“ низ стихови на Ване Дериволов, промовирана неговата прва стихозбирка

Како конец низ пет игли вовлечен, а секоја од нив го ткае течението на „Изворот“. Песните прво ве водат до страдања, а потем се извишуваат до ниво на спасение. Вака рецензентките и публиката го дефинираа промовираното првенче, книгата „Изворот на мојата душа“, од Ване Дериволов. Присутните на вчерашната промоција можеа да проследат уникатна синестезија од литература, музика и ликовна уметност, сето тоа сврзано во стихотворењето. Од конкурси, до стихозбирка, вака Дериволов зборуваше за настанокот на својата збирка поезија.

„По секој завршен конкурс за поезија, бидејќи учествувам на повеќе конкурси и предавања со креативни работилници, песните што ги пишував си заземаа место во посебна тетратка. Од песните првично склопив една скриптна верзија која ја нареков „Прирачник за поезија“, но подоцна со професорката решивме да му дадеме живот на Прирачникот, па така се создаде „Изворот на мојата душа“. Оваа поезија е доста едноставна на прв поглед, но доста поучителна. Сите песни имаат свои значења, емоции, симболи, секоја со својата приказна. Претставни се во пет циклуса и секој циклус е олицетворение на различни скалила во животот кои секојдневно ги искачуваме“, истакна поетот.

Професорките – рецензентки со свои воодушевувања зборуваа за новото издадено парче. Како што вели Милена Ристова – Михајловска, петте циклуса градираат со емоциите пренесени преку стиховите. Според Марија Ристова, пак, Дериволов на умешен начин ја има пренесено љубовта кон поезијата која кај него се раѓа уште во основно училиште.

„Првично песните беа предадени во една сумирана форма, меѓутоа во соработка со авторот и со негова дозвола, ние како уредници и рецензенти успеавме сето тоа да го склопиме во тие пет циклуса. Истите градираат од една фаза на меланхолија, романтичност, па преку духовно издигнување сè со цел авторот на крајот да стигне до стихови коишто дефинираат успех, среќа и радост. Има многу симболи коишто отвораат поле за интерпретација, тука се симболите на каменот, вулканот, огнот, крвта и други останати. Сето тоа имплицира кон една младешка енергија, живост и едно рането срце кое се издига, доживува морална сатисфакција и се стреми кон нови успеси“, образложува Ристова – Михајловска.

„Ме воодушевија сите творби, меѓутоа песната „Желба“ вели: „Не се откажувај од она што го сакаш, за да успееш треба само да посакаш и да имаш желба што до успех ќе те води!“. Се надевам дека на Ване душата е полна со нови инспирации, а неговиот избор којшто жубори сега ќе се распламти и ќе се вточи во една разжуборена река со нови песни, изблици, инспирации, промоции и дружења“, додава Ристова.

Инаку, Ване Дериволов е ново поетско име на штипската книжевна сцена. Студент е на Катедрата за македонски јазик и книжевност, а има учествувано во бројни културни активности, манифестации, промоции и проекти. Како што се вели во една од рецензиите, првото поетско остварување е „млада фиданка“ која допрва ќе може да разграни во македонската книжевност.

Ребека Спасова М-Нет