Над 700 тони текстилен отпад во Штип овозможува да кажеме „Не за отпад, да за уметност“

Под мотото „Не за отпад, да за уметност“ во Штип одржан настан посветен на реупотреба на текстилниот отпад. Во склоп на истиот одржана беше дебата за бизнис модели за употреба на текстилниот отпад, а присутните можеа да проследат и видео содржини од успешни приказни кои всушност се неколку решенија за справувањето со текстилниот отпад. По ова следеше и моден перформанс.

„Зошто за нас овој проект беше важен? Затоа што преку проектот им се дава можност на маргинализирани групи граѓани да најдат свој приход, да можат да се справуваат не само со тоа што значат климатските промени, туку и да решат некои свои егзистенцијални проблеми. Ние секогаш сме се грижеле за тоа никој да не биде оставен на страна. Исто така, овозможува справување со текстилниот отпад кој во Штип како текстилен град го има многу“, истакна Адријана Лавчиска, постара програмска координаторка во ФООМ.

Целта на проектот е модели за тоа како текстилниот отпад да се употреби како ресурс и да се даде додадена вредност на производот преку вклучување на ранливи категории граѓани и преку заштита на животната средина. Основната нишка водилка за една ваква активност се поразителните анализи кои покажуваат дури 700 тони отпад годишно, што е 40% од вкупниот отпад во Штип.

„Нашиот Закон го дели отпадот на царински деклариран и нецарински деклариран отпад. Декларираниот отпад од компаниите се декларира на Царина, се селектира и се фрла во депонија, а недекларираниот се фрла на истата депонија. Кога ќе го земете резултатот, тие 700 тони отпад се толку без разлика дали поминале на Царина или не“, вели Борис Шарковски, програмски директор во ФРЛЗ.

„Сметам дека она што сега го нарекуваме „фест фешн“ можеби треба малку да го успориме, да видиме што имаме и од тоа да креираме нешто ново“, истакна Сања Ристески, професорка на ТТФ во Штип.

Оваа пилот – иницијатива би требало да поттикне и други текстилни компании да се приклучат во справувањето со текстилниот отпад во Штип кој има речиси неограничена употреба, но и развој на нови производи како нов начин на креирање бизниси.

Настанот е дел од проектот „Кружната економија како модел за решавање на текстилниот отпад во Штип“, а презентираните производи се достапни за онлајн продажба.

Ребека Спасова М-Нет