Здружението „Медиум објектив“ реагира на нетранспарентно донесување законски измени

На нетранспарентен начин, без јавна дебата и вклученост на сите чинители се носат измените на медиумските закони, оценија од Здружението на регионални и локални медиуми „Медиум објектив“. Како што изјави претседателот на Здружението, Димитар Мицев, постапката за предлог – измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се води без да се слушнат предлозите и барањата на медиумите.

„Ние како членска организација во која се обединуваат регионалните и локалните радиодифузери сметаме дека носење измени во медиумските закони на овој начин е на штета на независноста на медиумите и на јавниот интерес. Ваквата постапка е во директна спротиставеност со она за што ние како медиуми се залагаме, а тоа е јавност за квалитетни закони од кои бенефит ќе имаат пред сѐ граѓаните“, истакна Мицев.

Од Здружението бараат одложување на постапката за амандмани на овој закон, како и јавни дебати за помош и поддршка на медиумите, за кои општо е познато дека имаат сериозни проблеми. Решението, според нив, е само со конкретни законски решенија кои нема да бидат селективни, туку ќе ги подобрат условите. Порачаа пратениците да не преземаат избрзани чекори.

„Општо е познато дека медиумите имаат сериозни економски проблеми и потребно е да се понудат одржливи решенија со кои ќе се подобри нивната економска состојба, а со тоа и медиумската содржина. Доколку Собранието и Владата сакаат да потрошат јавни пари во одредени медиуми, нека тоа го направат со одлука на Собрание или Влада. Не е потребно да се носат штетни закони со тесни интереси. Потребни се законски решенија за да ги подобрат правата и статусот на новинарите и медиумските работници и треба да се неселективни и фер“, додава Мицев.

Според информациите од веб-страницата на Собранието, предложените измени и дополнувања се на дневен ред на 91. собраниска седница закажана за утре. Предлог-законот е во второ читање по скратен постапка.

Ребека Спасова М-Нет