Зголемен интересот за вакцинација против морбили во Штип

Зголемен бројот на вакцини протв морбили во Штип. По првиот регистриран слуај на заразено дете од морбили, расте свеста кај родителите за нивните деца да ја примаат првата доза вакцина. Доктор Дијана Коцева Миланова вели дека процентот во Штип е задоволителен, и дека поголем дел од родителите ги почитуваат термините за вакцинација.

„По објавувањето на случајот со заболено дете од морбили морам да кажам дека е зголемен интересот кај родителите за примање на оваа доза. Овие денови оние родители кои доцнеа со вакцина се јавуваат да бараат термин за вакцинација. Инаку процентот на вакцинирани со прва доза на морбили во Штип изнесува 80%.“ – вели Коцева – Миланова.

Поради фактот дека заради неоправдани причини се одложува примањето на правата доза вакцина, постојано се контактират родителите дека имаат пропуштено термин за вакцинација. Тоа впрочем е и една од препораките на Комисијата за заразни болести, по првиот регистриран случај на морбили кај дете од Свети Николе.

„Тоа постојано го правиме во континуитет, се јавуваме кај родителите да ги потсетиме дека имаат пропуштено вакцина. Очекуваме сега по појавата на првиот случај да биде зголемена свесноста кај родителите за заштита на здравјето на децата е примањето на вакцина. Најчесто првата доза вакцина се одложува, оти постои некое мислење кај родителите дека детето треба прво да прозбори или прооди па да ја примаат вакцината. Таквиот став е неоправдан.“ – додава Коцева Миланова.

Заразата со морбили е лесно пренослива, а доста опасна. Од десет неимунизирани деца кои се во контакт со заразено дете, девет ќе се заразат со висрусот. Тешки се и последиците вели доктор Коцева Миланова.

Инаку, за заразата со морбили се зборуваше уште пред три месеца кога докторите советуваа на навремена вакцинација.

Лаура Стојанова М-Нет