Захов нова „единица“ на Воска Спорт, Иљази и Јахја се нови играчи на охридскиот прволигаш!

Охридскиот прволигаш Воска Спорт за пролетната полусезона продолжува да се засилува со квалитетни и проверени имиња. Нов голман на Воска Спорт е легендата на Шкендија, Костадин Захов, кој ќе биде нова „единица“ на тимот предводен од Миљан Радовиќ.

Искусниот чувар на мрежата во Воска Спорт доаѓа како слободен фудбалер, откако ја заврши својата ера во Шкендија, каде освои пет шампионски титули и два Купа, со што дефинитивно остави голема трага во тетовскиот клуб.

36-годишникот носи големо искуство во дебитантот во Првата лига, а во својата кариера Захов има настапувано и за Брегалница, Хоризонт Турново, Беласица и Вардар.

Нови имиња во редовите на Воска Спорт се и Ардит Иљази и Абдулхади Јахја. Иљази е 23-годишен фудбалер кој настапувано на позицијата стопер, а може да игра и како десен бек, а во Воска Спорт доаѓа од редовите на Теута.

Во својата кариера има настапувано за Гостивар и Шкупи во мак фудбалот, а беше дел и од албанските екипи на Ерзени и Теута.

Јахја доаѓа од шампионот Струга Трим Лум, а 24-годишникот е крилен фудбалер, кој има настапувано за Еуромилк ГЛ, Вардар, Шкупи и Струга.

Александар Ванев, М-Нет