
Зпочнати се активности за подготовка на третата и завршна фаза за изградба на прочистителна станица за вода во кочанската фабрика „Пејпер мил“, – информираат од фабриката. Со ова се очекува подобрување на суспендираните материи, односно – повеќе од двојно од дозволените граници, а параметрите ќе се подобрат за три пати.
„Неопходно е да се рестартира целосно процесот на рециклирање и производство на хартија за да ги започнеме активностите за имплементација на системите за прочистителната станица од третата и последна фаза. Целосно завршување на прочистителната станица планираме во текот на оваа година. И во овој период остануваме силно посветени и ги спроведуваме планираните мерки и активности сите води кои ја напуштаат фабриката да бидат целосно во согласност со сите законски граници безбедни за природната средина. Токму денес, обележувајќи го Светскиот ден на планетата, ја потенцираме нашата посветеност кон унапредување на процесите и целосна заштита на сите сегменти на природната средина и на заедницата во која работиме и живееме.“ истакнаа од Пејпер мил.
Активностите за изградба на прочистителна станица за вода во „Пејпер мил“ започнаа кон средината на 2017 година, планирани да се извршуваат во три фази. Според предвиденото требаше до крајот на минатата година да биде завршено, но со оглед на ситуацијата, како и паузирањето во работата на фабриката третата завршна фаза би требало да заврши во текот на 2021 година.
Третата фаза е изградба на хемиска и биолошка станица за прочистување со цел да се постигнат такви карактеристики на основните параметри на отпадната вода кои се значајно под дозволените граници и кои се блиски до карактеристиките на водата која влегува во самиот процес.
Со инвестициите од околу 450.000 евра, со првите фази на прочистителната станица значително се подобрија параметрите на водата која се испушта при процесот на рециклирање и производство на хартија и тоа значително под параметрите дозволени според законите за заштита на животна средина во однос на сите параметри.
Лаура Стојанова М-Нет