Започна пријавувањето за болни, изнемоштени и ковид – позитивни за гласање на изборите

Од денес започнува пријавувањето за гласање на болните и изнемоштени лица, како и позитивните ковид – лица кои се во изолација, известуваат од Општинската изборна комисија. Претседателот на ОИК, Виктор Вацев, посочи на рокот, како и начините на кои може да се врши истото.

„Како ОИК, сакаме да информираме дека од денеска започнува пријавувањето за оние лица коишто согласно Изборниот законик не можат да го остварат своето право на гласање на денот на изборите, тоа е на 17 октомври. Станува збор за лица коишто се болни и немоќни, коишто гласаат во домашни услови ден пред одржувањето на изборите. Значи, нивниот краен рок за пријавување е до сабота на полноќ, односно согласно регулативата, тие се пријавуваат најдоцна седум дена пред гласањето. Исто така, од денеска започнува и пријавувањето за лица коишто се во домашна ковид – изолација или позитивни на ковид. Тие се пријавуваат најдоцна пет дена пред гласањето, односно до 11 октомври на полноќ. Сакаме да напоменеме дека пријавувањето може да се врши лично во просториите на ОИК или да се врши по електронски пат на нашата е-маил адреса, [email protected]“, информираше Вацев.

На 17 октомври, 42.045 избирачи ќе можат да гласаат на 80 отворени избирачки места. Притоа, од ОИК информираат и за измените во однос на избирачките места кои се со помалку од 10 избирачи.

„Имаме 80 избирачки места, од кои што, согласно регулативата, каде имаме под десет гласачи, таму се укинуваат и се припојуваат до најблиското гласачко место. А тоа е избирачкото место 2287, с. Судиќ, кое се припојува кон гласачкото место 2285. Исто така, избирачкото место 2289 се припојува кон избирачкото место 2284, а тоа е Три чешми и 2304, кое се припојува до најблиското избирачко место 2301, а тоа е селото Лесковица“, додаде претседателот на ОИК Штип.

Пријавувањата за претходно наведените лица може да се врши лично или со полномоштво, со потврда од лекар – специјалист или важечки документ дека во моментот се корисници на туѓа нега.

Останатите избирачки места остануваат исти како и на предвремените локални избори.

Ребека Спасова МНет