
Ракометниот клуб Пролет ќе добие нов предводник на стартот од вториот дел од сезоната во Супер-лигата, откако Доне Мајнов официјално ја заврши играчката кариера и ќе ја преземе тренерската улога во тимот.
Мајнов, кој важи за ракометар со најдолг стаж во редовите на Пролет, останува верен на клубот и по завршувањето на активното играње. По кратки разговори со раководството, беше постигнат договор тој да седне на клупата и токму во клубот каде што помина повеќе од една деценија, да ја започне и својата тренерска кариера.
Доне Мајнов го носеше дресот на Пролет од 2012 година и беше дел од најуспешните генерации во историјата на клубот, меѓу кои и тимот што го освои третото место во Супер-лигата – најдобар пласман на Пролет од осамостојувањето на Македонија. Тој беше и дел од екипата што оствари историска победа на гостински терен против реномираниот шпански клуб Гранолјерс во европските натпреварувања.
Новиот тренер веќе ја одржа првата прозивка и ги започна подготовките со екипата за продолжението на сезоната. Во неговиот стручен штаб ќе биде вклучен и уште еден голем ветеран на македонскиот ракомет – Златко Даскаловски, кој исто така неодамна ја заврши играчката кариера и ќе биде задолжен за работа со голманите.
Со вакви кадровски решенија, во Пролет се надеваат на стабилна пролетна сезона и продолжување на позитивните резултати во домашното првенство.