Димитров: НАТО и ЕУ покажаа дека се силни организации кои носат стратешки одлуки и во тешки времиња

Министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше на он-лајн видео конференција во ко-организација на Економскиот форум во Делфи и Атлантскиот совет, насловена „Дипломатија во кризни времиња и други алатки за влијание во Југоисточна Европа во доба на КОВИД-19.

Димитров во своето воведно излагање се осврна на влијанието и значењето на пристапувањето на Северна Македонија во НАТО Алијансата, како и одлуката на Советот на ЕУ за почеток на пристапни преговори со земјава, притоа нагласувајќи ги, како што рече, вистинската сила и способност на двете организации да се прилагодат на новосоздадените услови и да донесат и други значајни стратешки одлуки.

„Овие два историски и долгоочекувани исчекори претставуваа зраци на светлина и надеж за нас, за Регионот, во еден исклучително тежок период за целиот свет. Претставуваа и симбол за моќта на двете организации да носат стратешки важни и визионерски одлуки во кризни времиња. Благодарни сме за досегашната поддршка, која се надеваме ќе продолжи и во идното справување со последиците од овој заеднички непријател. Неопходно е координирано заедничко дејствување во духот на вистинска солидарност и отворена соработка меѓу земјите, како побргу би излегле од тунелот“, истакна министерот во своето обраќање

Меѓу панелистите беа разменети мислења за различните начини на соработка за надминување на пандемијата и последиците од истата, особено во научната и економската сфера.

Покрај министерот Димитров, други учесници на виртуелниот панел беа: Александрос Диакопулос, советник за национална безбедност во кабинетот на грчкиот премиер, Метју Палмер, заменик помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Дејмон Вилсон, извршен потпретседател на Атлантскиот Совет и Катерина Соку, новинарка од дневниот весник „Катимерини“ и дописник од Вашингтон.

Текстот Димитров: НАТО и ЕУ покажаа дека се силни организации кои носат стратешки одлуки и во тешки времиња е превземен од МАКФАКС.