Ден по изборите, Николов им се заблагодари на штипјани и му посака среќа на новиот градоначалник

Ден по локалните избори во Штип со прес конференција излезе градоначалникот, доктор Сашко Николов. Според обработените податоци од гласањето тој се наоѓа на второто место. Денеска од местото каде што ги започна своите прес конференции и изјави по изборите на 13 декември 2020 година кога ја доби довербата на штипјани, повторно со прес им се заблагодари на своите сограѓани кои вчера го оствариле своето демократско право на глас.

„Сакам да се заблагодарам на целата штипска јавност, на сите граѓани кои што ми ја дадоа привилегијата во декемвримесец 2020 година да го водам и раководам со овој град. Ми беше привилегија, задоволство и со максимален труд и залагање успеавме да го направиме Штип да биде една општина во развој еднаква за сите наши сограѓани. На вчерашниот ден на едни фер и демократски избори, граѓаните го дадоа својот глас за другата опозиција, го дадоа својот глас за кандидатот за кој што сметаат дека треба да ги води во наредните четири години. Му посакувам на новиот градоначалник успешна работа, а на нашите граѓани успех и среќа“ – кажа Сашко Николов.

Сашко Николов на позиција градоначалник на Општина Штип дојде на 13 декември 2020 година, кога штипјани му ја дадоа својата доверба. Тоа беа предвремени избори за градоначалник во Штип, бидејќи претходниот градоначалник Благој Бочварски стана Министер за транспорт и врски. Во трката за градоначалник за Штип лани беа пет кандидати, од четири политички партии и еден независен кандидат. Најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ тогаш не учествуваше на изборите односно немаше свој кандидат. Николов својот градоначалнички мандат го заврши за десет месеци.

Лаура Стојанова М-Нет