Дебакл на Соколи на мечот со Ангели, тренерот Димиќ се извини на целата штипска кошаркарска јавност: Не застануваме тука, одиме до крај!

ФОТО: АРХИВА

Висок пораз за кошаркарите на Соколи на првиот меч од полуфиналето, откако штипјани загубија со високи 105:57 од екипата на Ангели во Скопје.

Домашниот состав имаше одличен натпревар што резултираше со висока победа, а како што вели тренерот на Соколи, Тоше Димиќ, мечот со Ангели мора да се заборави, додава дека Ангели имале шутерско шоу, а пак Соколи го имаш најлошото шутерско издание годинава.

Димиќ како што вели чувствува одговорност за овој пораз и се извинува од свое име и од името на целиот тим на целата штипска кошаркарска јавност за катастрофалната игра.

„Натпреварот мора да се заборави што е можно побргу! Во среда, на реваншот мораме да победиме и да избориме мајсторка за финале. Ако ја анализираме играта, јасно е дека КК Ангели имаа шутерско шоу, а од друга страна ние го имавме најлошото шутерско издание годинава. Како тренер на тимот, чувствувам одговорност и од мое име и името на целиот тим се извинувам на целата штипска кошаркарска јавност за катастрофалната игра. Но сакам да истакнам, не застануваме тука! Кошарката се игра до крај, до последниот атом, до последната капка пот, до последната трошка надеж. Одиме на победа во среда пред преполна сала“, вели тренерот на КК Соколи, Тоше Димиќ.

Како што истакнува Димиќ во среда одат по победа која ќе значи мајсторка и трет натпревар со Ангели, во обид да стигнат до финалето, а тоа ќе значи и влез во Прва лига.

Кошаркарите очекуваат полна сала во Штип и поддршка од навивачите со цел да дојдат до победа.

Екипата на Маџари со 83:75 го доби вториот тим на МЗТ Скопје.

Александар Ванев, М-Нет