Два од два за Љуботен – триумф над Речица, поделени девет жолти и четири црвени картони!

Вчера со еден натпревар беше отворено 12. коло од Третата македонска фудбалска лига – Запад, откако Речица на домашен терен загуби од Љуботен, кој во пролетниот дел има две победи од два натпревари и најавува прогрес на табелата.

Љуботен овој натпревар го доби со убедливи и сигурени 0:3, откако на полувреме резултатот на теренот во Голема Речица беше 0:1.

Судијата Бардхиљ Ибраими има повеќе од тешка задача на овој меч, бидејќи подели девет жолт картони и дури четири црвени картони.

Ивица Костадиноски во 31. минута погоди за 0:1, резултат со кој се замина на полувреме. На стартот од вториот дел Љуботен лесно стигна до 0:3, откако најпрво во 57. минута Јован Богдановски постигна гол за 0:2, а две минути подоцна Костадиноски постигна гол за убедливи 0:3.

Во 65. минута поради втор жолт картон Виктор Јовановски беше исклучен од игра со што гостинот остана со играч помалку на теренот. Потоа судијата Ибраими во 85. минута подели три црвени картони поради физички напад. Кај домашниот тим црвен картон доби голманот Серкан Зејнели и Амир Зендели, а пак кај гостинот црвен картон заработи Абаз Џафери.

Љуботен сега се искачи до претпоследното место на табелата со девет бодови колку што има Напредок кој е последен, но денес игра против Џепчишти, Камјани ќе биде домаќин на Дрита, а пак Влазерими ќе игра со Зајази.

Александар Ванев, М-Нет