Граѓаните не стравуваат за недостаток од месо на трпезите, ама велат – цените се превисоки

Државата нема да увезува свинско месо поради состојбата со болеста африканска свинска чума. Ова беше информацијата која вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, ја сподели во текот на вчерашниот ден. На терен граѓаните потврдуваат дека државата ќе може да се снабди и со домашно производство и поголемиот број од анкетираните не се колебаат во однос на тоа дали ќе има доволно свинско месо на трпезите на граѓаните за време на празниците.

Иако не ги плаши недостаток на месо на трпезите, сепак загрижени се во однос на цената. Велат дека да се снабдат со месо за претстојните празници ќе може само ако неговата цена се намали, бидејќи со вакви цени, малку или едвај се опстојува.

Инаку, ситуацијата со африканската свинска чума во последниве три месеца е стабилна, посочуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Рестриктивни мерки на сила има само уште во кумановско, а во другите општини е дозволено да се одгледуваат свињи само со исполнување на неколку услови. Од АХВ велат дека повторното одгледување се препорачува, бидејќи одгледувачите се дел од месната индустрија, но оние кои не ги исполнуваат условите мора прво да ги подигнат стандардите во одгледувалиштата и да дојдат барем до категоријата фарми со среден ризик.

Ребека Спасова М-Нет