
Оваа пролет е нова шанса општина Карбинци да пие вода од ХС Злетовица. Изградбата на пристапниот пат до филтер станицата е во напредна фаза и градоначалникот, Виктор Паунов, очекува истата да заврши најдоцна до крајот на април. Општината ги има завршено своите обврски во однос на испитувањата на водата, но Паунов вели дека доколку е истечена важноста на тој документ, испитувањата ќе се направат повторно.
„Се работи на пристапниот пат до филтер станицата, којшто е долг скоро 2 километри. Тоа е нова траса, дел од тој пат, така што очекувам до крајот или средината на месец април да бидат целосно овие активности завршени со асфалтирање на овој пат за да може понатаму да побараме и употребна дозвола од страна на Министерството за да може да склучиме и договор со ХС Злетовица и, конечно, еве, очекувам во текот на пролетта да ги завршиме сите овие постапки за да ја приклучиме и оваа вода за да имаме во повеќе населени места чиста и здрава вода за пиење“, истакна градоначалникот Паунов.
Доцнењето на овој проект е нешто повеќе од половина година, имајќи предвид дека првичните најави беа Карбинци да се приклучи на Хидросистемот најдоцна до август минатата година. Пречките меѓу инвеститорот и изведувачот постојано го пролонгираа рокот, а дополнително пролонгирање, според градоначалникот Паунов, ќе значат нови проблеми во летниот период во однос на водоснабдувањето.
„Во овој момент функционираме во рамките на нормалното, да речеме, меѓутоа доколку задоцниме повторно и доколку дојде летниот период, тогаш би имале повторно проблеми во однс на квалитетот и квантитетот на водата за пиење, којашто ја дистрибуираме, така што повторно ќе кажам, очекувам да се заврши оваа постапка пред започнување на летниов период за да може да ги немаме овие проблеми“, додава Паунов.
Поврзувањето на општина Карбинци со ХС Злетовица се чека околу три години, бидејќи пред толку време беше изградена филтер станицата, до која сега се гради пристапниот пат. Сепак, поврзувањето со ХС нема да значи откажување од бунарскиот систем, туку користење комбиниран систем за водоснабдувањето.
Ребека Спасова М-Нет