Голема дерби пресметка за врвот меѓу Овче Поле и Осогово, дерби и во Делчево – Брегалница домаќин на Малеш

Продолжуваат возбудувањата во Третата македонска фудбалска лига – Исток, шестото коло ни носи две дерби пресметки во Свети Николе и Делчево, кои може да направат големи промени на табелата.

Во Делчево ќе се одигра дербито на престиж каде лутити ривали Брегалница и Малеш од Берово ќе ги одмерат силите во меч каде трите бодови се императив и за едните и за другите.

Брегалница во досегашниот тек од сезоната запиша две победи и три порази и со шест бодови е на седмата позиција на табелата, додека пак Малеш има две победи, две ремија и еден пораз, со вкупно девет бодови е на петтото место на табелата.

Во Дојран ќе се одигра дерби од долниот дел на табелата меѓу Дојранско Езеро и Победа. Двете екипи имаат лош старт од новата сезона, односно по една победа, едно реми и три порази, па со вкупно четири бодови ја делат 10-тата позиција на табелата.

В недела ќе гледаме и струмичко дерби меѓу Спартмани и Тиверија во Градско Балдовци. Засилениот Спартмани не тргна според очекуваното и по пет одиграни натпревари има само еден триумф, едно реми и три порази. Од друга страна Тиверија има одлична сезона и има фантастичен старт, по пет кола има 12 бодови со скор од 4 победи и еден пораз и се наоѓа на третото место со само бод негатива од водечките Овче Поле и Осогово.

Академија Чешиново-Облешево на домашен терен ќе се соочи со Вардарски од Богданци, единствена екипа која сè уште нема забележано сезонски триумф.

Вардарски по долги години се врати во третолигашкото друштво на Истокот, но на стартот бележи катастрофални резултати, а в недела го очекува тешко и незгодно гостување против новајлијата во Трета лига – Исток.

На Градскиот стадион во Свети Николе свое соочување во дербито на колото ќе имаат двете екипи кои ја делат првата позиција на табелата, Овче Поле ќе биде домаќин на ланскиот второлигаш Осогово.

Овој меч е клучен и за двете екипи кои во новата сезона силно атакуваат на освојување на првото место и со тоа преку бараж да бркаат влез во Втората македонска фудбалска лига.

Овче Поле е актуелен шампион во Трета лига – Исток и лани играше бараж за влез во Втора лига, но беше поразен во бараж-мечот од Арсими, ланскиот шампион на Трета лига – Запад и нов член на Втората лига.

Осогово минатата сезона директно испадна од Втора лига, а во новата сезона брка експресен кам-бек во второлигашкото друштво.

На Градскиот стадион во Пробиштип екипата на Рудар ќе биде домаќин на Карбинци. Рудар сака продолжување на победничката серија, откако во минатото коло со 2:0 славеше над Брегалница од Делчево, додека пак Карбинци брзо сака да го заборави големиот пораз од Овче Поле на домашен терен (2:5) и сака враќање на победничкиот пат.

Сите натпревари ќе се одиграат в недела со почеток од 14:00 часот.

  • Делегирани судии за 6. коло од Трета лига – Исток:

Брегалница Делчево – Малеш, Тоше Џамов (Кочани)
Дојранско Езеро – Победа, Стефан Митров (Гевгелија)
Спартмани – Тиверија, Александар Ѓеоргиевски (Делчево)
Академија Чешиново-Облешево – Вардарски, Ристе Бојчов (Штип)
Овче Поле – Осогово, Крумислав Ѓоргиев (Штип)
Рудар – Карбинци, Даниел Ангелов (Кочани)

  • Целата табела од Трета лига – Исток пред почеток на 6. коло: