
Телевизија М Нет продолжува да ја збогатува спортската понуда за своите гледачи. Денес, гледачите на нашата телевизија ќе имаат можност за првпат да проследат во ЖИВО натпревар од Третата македонска фудбалска лига. За првпат во историјата на Македонија ќе може во живо да се следи третолигашки натпревар на телевизија.
М Нет е голем промотор на спортот во Македонија, а потврда ќе биде и денешниот пренос во живо како и известувањата кои веќе ги правиме за Третата лига – Исток.
Денес со почеток од 14:30 часот ќе имате можност да го проследите големото фудбалско дерби меѓу екипите на БВК Коњаре и Башкими од Куманово во рамките на осмата рунда од Трета лига – Север.
Двата фаворити за влез во Втората македонска фудбалска лига денес ќе го имаат првото сезонско соочување, а гледачите на М Нет ќе имаат можност да проследат и да уживаат во еден одличен натпревар.
Башкими е клуб со богата традиција, покрај настапите во Втората македонска фудбалска лига, Башкими имаше учество и во Првата македонска фудбалска лига во сезоната 2008/2009 година, но поради финанскиски проблеми клубот го откажа учеството.
Најголемиот успех на клубот е освојувањето на македонскиот фудбалски Куп во сезоната 2004/2005 година, кога во големото финале Башкими го совлада Маџари Солидарност со 2:1 со двата погодоци на Пресилски за историски голем успех.
Интересно е тоа што екипата на Маџари Солидарност, исто така се натпреварува во Трета лига – Север.
БВК Коњаре кој е денешен домаќин во големата дерби пресметка, сезонава пројави високи амбиции. Тимот кој беше склопен во летниот трансфер период бележи високи резултати, а денешното големо дерби ќе биде соочување на првопласираниот Башкими и второпласираниот БВК Коњаре.
Башкими е лидер на табелата со 18 бодови, додека пак БВК Коњаре е на втората позиција со само два бода помалку, односно 16.
Токму тоа и го прави денешното дерби атрактивно за гледање, бидејќи по осум кола Трета лига – Север може да има нов лидер, или пак Башкими да ја зголеми бодовната разлика и да направи сериозен исчекор на патот кон обезбедување на баражот за влез во Втора лига.
Во Трета лига има вкупно пет региони, Југ, Југозапад, Запад, Север и Исток.
- Целата табела од Трета лига – Север пред почеток на 8. коло:

- Двојки за осмото коло со делегирани судии:
Фортуна – Раштак, Или Никодиноски (Скопје)
Студена Вода – Кадино, Никола Костенчев (Скопје)
Петровец – Илинден, Иван Ивановиќ (Скопје)
Беса Влазрими – Аеродром, Виктор Јанчевски (Скопје)
ССК Нова – Маџари Солидарност, Слободан Боцевски (Скопје)
БВК Коњаре – Башкими, Александар Василевски (Скопје)
Еуромилк ГЛ – Башкими Љуботен, Методија Ставров (Скопје)
Риниа – Волково, Дарко Костадиновски (Скопје)