Во ЖИВО на М Нет: Брегалница – Детонит Плачковица, сабота од 15 часот

Во сабота на програмата ќе бидат натпреварите од 23. коло на Втората македонска фудбалска лига, а гледачите на М Нет телевизија ќе имаат можност да го проследат натпреварот меѓу Брегалница и Детонит Плачковица, кој се игра на Градскиот стадион во Штип.

Страгегот на радовишани, Горан Здравков оди на мегдан против својот поранешен клуб и како тренер, но и како играч. Штипските „сини“ со победата во претходното коло во Гевгелија се доближија на два бода од првите две места кои директно водат кон Прва лига, но сега немаат право на грешка против „незгодниот“ Детонит Плачковица, кој атакува сезоната да ја заврши на петтото место.

Првото соочување во Радовиш заврши без победник (1:1) за поделба на бодовите, а сега околностите се такви каде и едните и другите ќе сакаат триумф.

Брегалница ќе атакува на 15-ти сезонски триумф, Детонит Плачковица на осмо сезонско славје.

Преносот од Градскиот стадион во Штип од мечот меѓу Брегалница и Детонит Плачковица на М Нет телевизија ќе започне во 15 часот.

Александар Ванев, М-Нет