СДСМ Штип на прес го обвини Јорданов за приоритетите во трошењето на парите на граѓаните

Дали локалната власт ги троши парите на граѓаните на вистинските приоритети? Како може тоа да има за камења на Исарот, а да нема за лековитоста и моќта на водата во бања Кежовица? – прашаа денеска на прес конференција од ОО на СДСМ Штип.

„ Општина Штип планира да потроши 100 милиони денари за реконструкција на ѕидините на Исарот. Додека истовремено, Бања Кежовица – една од најлековитите термоминерални води во Македонија – е во крајно запуштена состојба. Кабините се руинирани, базените не се одржуваат, а овој природен благодет на градот пропаѓа пред нашите очи. Штип заслужува повеќе. Наместо да се вложува во камења и ѕидови, локалната власт мора да инвестира во уредување на Кежовица и создавање на модерен бањски центар. Со тоа, општината не само што ќе го подобри здравјето и квалитетот на живот на граѓаните, туку и ќе генерира профит преку развој на бањскиот туризам. Го повикуваме градоначалникот и општинските власти да ја преиспитаат оваа одлука и да ги пренасочат средствата кон проекти што ќе донесат реална корист за граѓаните. Време е да размислуваме за иднината и за одржлив развој, а не само за еднократни реконструкции без долгорочна визија.“ – вели Иванов.

Од СДСМ Штип посочија дека градот заслужува достоинствен бањски центар.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет