Воска ја декласира Саса, прв бод за Борец, победи за Гостивар и Пелистер

Денес беа одиграни натпреварите од 18. коло од Втората македонска фудбалска лига.

Гледачите на телевизија М Мет имаа ексклузивна можност да го проследат соочувањето помеѓу Пелистер и Арсими.

Прв до водство дојде екипата на Арсими пред финишот на првиот дел со голот на Асани, но радоста траеше кратко, откако Бојан Спиркоски израмни за 1:1 на полувреме.

На стартот од вториот дел Пелистер преку Маневски направи пресврт за 2:1, а Наумоски ги постави конечните 3:1.

Воска Спорт на “Билјанини Извори” ја декласираше Саса со високи и убедливи 4:0.

Резултатот беше отворен во 15. минута со гол на Бехар Фета за водство на Воска Спорт. Домашните продолжија со доминацијата, со голот на Фитон Адеми стигнаа до 2:0. Охриѓани продолжија со притисокот, а изгледна шанса за нов гол имаше Фета во 35. минута, но Ѓеоргиевски добро ја процени топката.

На стартот од вториот дел Фета со втор гол од пенал зголеми на 3:0. Воска продолжи со притисокот и со голот на Бесарт Реџепи стигна до убедливи 4:0.

Беласица на домашен терен се соочи со Караорам во меч каде трите бодови останаа дома благодарение на голот на Александар Милушев (1:0).

Во Гевгелија се одигра меч под притисок за три бода помеѓу Кожуф и Охрид, а трите бодови останаа дома. Хусеин Демири го доведе Охрид прв во водство, а домашните со головите на Бојан Иванов и Александар Богданоски преку пресврт стигна до конечен триумф од 2:1.

Дерби за опстанок одиграа Тетекс и Борец во меч каде трите бодови беа поделени (1:1), а велешани стигнаа конечно до првиот бод. Чичевски стрелаше за водство на Борец од 0:1, но во финишот Глигор Шиков си даде автогол за конечни 1:1.

Дерби во Маџари одиграа Вардар и Детонит Плачковица, а трите бодови останаа дома, откако “вардарци” со двата гола на Вецески и Цветаноски стигнаа до триумф од 2:0.

Гостивар по одземањето на трите бода за случајот со фудбалерот Гордијан Христовски го доби локалното дерби со Беса на домашен терен со минималец (1:0). Единствен стрелец беше Филип Петковски.

Колото ќе биде комплетирано утре со дербито за опстанок во Втора лига, помеѓу Слога и Локомотива во Виница, натпревар што ќе се пренесува директно на програмата на М Нет ТВ.