Водостојот на Брегалница зголемен, Калиманци стабилна, проблеми има во нивите во Облешево

Невремето во државава во помал размер се рефлектира и во Истокот. Во мала мера се излеани Кочанска и Оризарска река, па во Облешево поплавени се и нивите. Според директорот на кочанската подржужница на „Водостопанство“, излевањето не предизвикало големи штети. Брегалница, пак, е со забележително зголемен водостој, но проблеми засега нема никаде. Браните Калиманци и Градче бележат намалување на водостојот.

„Засега Брегалница не е излеана, нема штети никаде направено, добра работа е што на акумулацијата Калиманци дотокот е паднат, во 08:00 часот беше 45 метри кубни, додека при мерењето во 11 часот е 24,7 метри кубни, значи околу 50% дотокот е намален. Има некои мали површини, уште нема точна анализа, меѓутоа занемарливо е тоа“, вели Благојчо Богатинов, директор на подружница „Брегалница“ – Кочани на АД Водостопанство.

Во Делчево, пак, пријави за земјоделски штети нема. Рокот за пријавување за материјални штети предизвикани од минатонеделното невреме трае уште неколку дена и досега има 120 пријави, претежно за уништени автомобили и поплавени подруми. Градоначалникот Трајковски апелира на поголема совесност со цел да се спречи повторно поплавување.

„Јас во изјава и во емисија неколкупати го кажував за климатските промени кои се случуваат, свеста да ни биде на повисоко ниво за одржување на чистотата на сите одводни канали, но и како граѓани сите да ги заштитиме прво сопствените домови, но и како градоначалници, мора да се погрижиме пред сѐ атмосферската канализација во градот и во населените места поставена“, вели Трајковски.

Поројни дождови се најавени и за денеска, поради што Центарот за управување со кризи предупредува на внимателност при движење покрај речните корита и поројните суводолици особено во реони на поројните поплавувања, а и на територијата на целата држава, каде што ќе има поројни локални дождови. Зголемен е водостојот на реката Вардар и локални реки, а проблеми има во кривопаланечко и кумановско.

Ребека Спасова М-Нет