
Освојувачот на Купот на Македонија, Вардар одигра уште еден одличен натпревар, откако синоќа на Националната арена „Тодор Проески“ со 2:1 славеше над Лозана од Швајцарија и со тоа на реваншот ќе има позитивна предност од еден гол.
За искусниот стратег Гоце Седлоски ова е уште еден меч без пораз – вкупно 21 во низа на официјалните дуели.
Седлоски направи промени во составот бидејќи капитенот Горан Закариќ не можеше да настапи поради повреда.
Вардар одлично го отвори натпревар во Скопје и тргна со креирање на шанси пред голот на Лозана за отварање на резултатот, а погодокот падна во судиското надополнување кога Мато ја стресе мрежата за 1:0 на полувреме.
Во вториот дел Лозана бркаше гол негатива, а до израманување дојде во 58. минута кога Диаките постигна гол за 1:1. По дваесет минути игра Азер Омерагиќ постигна погодок со кој Вардар дојде до нова предност од 2:1, а воедно тоа беше и конечниот исход.
Ова е голем резултат за најтрофејниот македонски фудбалски клуб, кој за седум дена оди на реванш во Швајцарија каде ќе се обиде да дојде до нов позитивен резултат и со тоа Вардар да се најде во следна фаза од квалификациите на Конференцискта лига на УЕФА.
Победникот од двомечот меѓу Вардар и Лозана во третото коло од квалификациите во Конференциската лига на УЕФА ќе игра со подобриот од реваншот меѓу Зимбру од Молдавија и Астана од Казахстан, а исходот од првиот меч меѓу овие две екипи беше без победник со по еден гол (1:1).
Александар Ванев, М-Нет