
Шампионот на Македонија, РК Еурофарм Пелистер, не запира со амбициите – битолскиот клуб го засили ростерот за клучниот дел од сезоната со доведувањето на хрватскиот репрезентативец Никола Граховац.
Станува збор за 27-годишен кружен напаѓач кој потпиша договор до крајот на сезоната, со опција за продолжување и за следната. Граховац доаѓа од редовите на германскиот бундеслигаш ХСГ Вецлар и веднаш ќе му се стави на располагање на стручниот штаб на „зелено-белите“.
Со висина од 201 сантиметар, Граховац важи за модерен прототип на пивотмен – цврст во дуел играта, стабилен во одбрана и опасен во напад. Европската ракометна јавност добро го познава, бидејќи настапуваше во Лигата на шампионите со РК Загреб и унгарскиот гигант Телеком Веспрем, додека неговиот матичен клуб е РК Дубрава.
Хрватскиот пивотмен е и стандарден репрезентативец на својата земја. Настапи на Европското првенство 2022, а беше дел и од селекцијата на Хрватска на Олимписките игри 2024. Со јуниорската репрезентација во 2016 година се закити со сребрен медал на Европското првенство, потврдувајќи го својот потенцијал уште од младинските денови.
Со ангажманот на Граховац, Еурофарм Пелистер ја пополнува празнината која настана по заминувањето на Мохамед Калед Валид на почетокот од годината и добива дополнителна стабилност на линијата од шест метри во пресрет на предизвиците што следуваат на домашната и европската сцена.
Новото засилување ќе биде официјално претставено пред јавноста и медиумите до крајот на неделата, а во Битола очекуваат неговиот придонес да биде значаен во борбата за нови трофеи.