
Штипскиот прволигаш Брегалница спогодбено се раздели со шефот на стручниот штаб Горан Здравков, а причина се лошите резултати во пролетниот дел од првенството.
“Сините” влегоа во длабока резултатска криза и се спуштија на дното од табелата во елитата. Брегалница на последните шест натпревари е без победа, со четири порази и само две ремија.
Тоа и беше главна причина, од морални причини следува повлекувањето на Здравков од тренерската функција.
„Од морални причини се повлекувам од тренерската функција во Брегалница, затоа што искрено чувствувам дека сето тоа е единствено решение во интерес на клубот и градот кои заслужуваат далеку повеќе од својот миленик. Силно верувам во овој тим и фудбалерите на Брегалница за кои знам дека можат и мораат многу повеќе. Од срце им посакувам до крајот на сезоната да се изборат за целите и амбициите кои беа зацртани со стартот на сезоната, на радост на најверните навивачи на клубот“, вели Здравков.
Во следните денови Брегалница ќе треба да го назначи наследникот на Здравков во тешката борбата за опстанок во Првата лига.
Овој викенд Брегалница ќе биде домаќин на Шкупи на Градскиот стадион во Штип.
Александар Ванев, М-Нет