Божиќна ѕвезда, цвеќе кое е предвесник на новогодишните и божиќните празници

Божиќна ѕвезда или кај народот познато како Божиќно цвеќе е предвесникот на новогодишните и божиќни празници. Со својата свечено црвено зелена боја се почесто е декорација во секој дом, а се повеќе е достапно и за граѓаните. Освен во маркетите може да се најде и по пазарите со пониска цена. Божиќното цвеќе е повеќегодишно растение, а неговите Цветови всушност не се вистински цветови, туку се листови на растението, кои можат да бидат во различни бои: црвена, жолта, портокалова, бела и крем. Вистинските цветови се многу мали и незабележителни и имаат зелена или жолта боја, а се во форма на бобинки.

„Се продаваат многу евтино по цена од 200 денари, за разлика од маркетите каде се продаваат по цена и до 350 денари. Да се купуваат, од утринава веќе продадевме 20 – 30 цвеќиња. Ова е цвеќе кое не мрзне, го викаат Божиќно цвеќе.“

Името божиќна ѕвезда ова цвеќе го добило бидејќи листовите му се во облик на ѕвезда. Цвета за Божик, а ја симболизира ѕвездата што на тројцата мудреци им го покажала патот до Исус.

Постојат и други легенди за божиќната ѕвезда. Според една стара мексиканска легенда, првата божиќна ѕвезда настанала од молитвите на девојчето Марија и нејзиното братче Пабло. Тие потекнувале од сиромашно семејство и немале пари да купат подарок за малиот Исус. На Бадник кога оделе кон црквата набрале полски билки наместо подарок. Кога ги ставиле билките околу колепката на Исус, нивните зелени листови станале сјајно црвени цветови.

Лаура Стојанова М-Нет