Бобан Николов се сели во БиХ: Штипјанецот ќе настапува за Борац Бања Лука!

Поранешниот македонски репрезентативец Бобан Николов кариерата ја продолжува во Борац Бања Лука, а со тоа играчот од среден ред ќе настапува и во Конференциската лига на УЕФА.

Николов во следните денови се очекува да биде официјално промовиран како нов играч во клубот од Босна и Херцеговина, а во истиот ќе настапува со македонскиот голман Дамјан Шишковски.

30-годишникот ги договори сите детали околу неговиот договор, а со потпис ќе следи и негова официјална промоција. Николов потекнува од штипска Брегалница, настапуваше во Виторул Констанца во Романија, потоа беше дел од Вардар, од каде се пресели во Фехерваар во Унгарија, италијански Лече беше дел од екипата на Шериф од Молдавија, како и дел од екипата на Стеуа Букурешт во Романија, а последно настапуваше за Кишварда од Унгарија.

На стартот од новата сезона во домашното првенство новиот клуб на Николов одигра еден натпревар, останатите се одложени, а тоа ќе значи и густ распоред за одигрување на натпревари, инаку на тој одигран меч Борац Бања Лука имаше триумф од 2:0 над Слобода.

Александар Ванев, М-Нет