
По испаѓањето на Пелистер од Првата македонска фудбалска лига, незадоволството меѓу навивачите не стивнува. Во јавноста се појавија остри реакции и барања за целосна транспарентност и одговорност од сите структури кои учествувале во раководењето на клубот во изминатата сезона.
,,Чкембарите” посочуваат дека по неколкуте непреспиени ноќи и бројните дебати во градот околу причините за неуспехот, повеќе нема простор за молк и оправдувања. Тие нагласуваат дека и покрај разочарувањата, до самиот крај давале поддршка на клубот и верувале во позитивен исход на сезоната.
Меѓу главните барања е јавно објавување на сите договори и финансиски надоместоци на лицата кои извршувале функции во клубот, а не биле дел од играчкиот кадар. Според нив, само на тој начин ќе се стави крај на шпекулациите и сомнежите кои со месеци кружат меѓу битолската спортска јавност.
Дополнително, се бара јасно да се утврди и соопшти кој ја носел одговорноста за изборот и ангажманот на фудбалерите во текот на сезоната. Навивачите сметаат дека токму лошата селекција на тимот е една од клучните причини за слабите резултати и за, како што велат, „најлошиот фудбал прикажан во лигата“.
Во реакцијата се поставуваат и прашања околу улогата на одредени лица во креирањето на спортската политика на клубот, при што се бара целосна отчетност за сите одлуки кои довеле до актуелната состојба.
Пораката од навивачката база е јасна – бараат одговорност од сите инволвирани во управувањето на Пелистер и целосно расчистување на причините што доведоа еден од најголемите македонски клубови до испаѓање од елитното друштво. „Виновците имаат име и презиме“, порачуваат навивачите, инсистирајќи дека битолската фудбалска јавност заслужува одговори.