Ќе се прошири автобуското стојалиште пред ООУ „Ванчо Прке“ во Штип

Проширено автобуско стојалиште ќе добие општина Штип пред ООУ „Ванчо Прке“. Во изминатиов период овде започнаа градежни активности, а граѓаните реагираат на рушењето на местото на некогашната парада, позната меѓу штипјани. Од Општина Штип велат дека проблемот со протокот на возила во период кога учениците пристигнуваат и заминуваат од училиште ќе се реши со тоа што ќе биде проширено веќе постоечкото автобуско стојалиште.

„Поради зголемениот број на возила во одредени часови од денот пред ООУ „Ванчо Прке“, особено на автобуси, се јави потреба од проширување, односно продолжување на веќе постоечкото автобуско стојалиште се’ со цел да може да се паркираат поголем број автобуси. Новото проширено стојалиште би требало да опфати околу три – четири автобуси, во зависност од типот и големината. Ова се прави се’ со цел да се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот, пред се’ децата“, истакна Сања Мијалкова Судуклиева, соработник за сообраќај, локални патишта и улици.

Улицата „Васил Главинов“ во Штип е една од најфреквентните улици во централното градско подрачје. Со цел нејзино проширување и побрз проток на возила во овој дел од градот беа изградени конзоли на река Отиња.

Ребека Спасова М-Нет