Ќе се намалат ли површините за ориз во кочанско заради намалениот капацитет на Калиманци?

Крајот на месец април и почетокот на месец мај треба да започне сеидбата на ориз во кочанскиот регион. Но, намалениот капацитет на брана Калиманци, го отвора прашањето дали сеидбата ќе доцни. Дополнително ако нема нови врнежи од дожд, можни се рестрикии со наводнувањето на нивите за ориз. Земјоделците од кочанско велат дека трошоците се направени, површините подготвени, но не можат да ги посеат.

„За десет до 15 дена треба да почне сеидбата, никој не кажува што ќе се сее, што нема да се сее. Според кажувања по течението на реките нема да се сее ништо, ќе се сее директно акумулираната вода што е, додека проточните води нема да сееме.“ – вели Стоименов.

Од планираните 4.300 хектари за сеидба, моменталната исполнетост на Акумулацијата Калиманци од околу 70 милиони метри кубни придонесува да се кратат околу 1.500 хектари за наводнување. Земјоделците велат греота е оризот да не се посее на ниви на кои успевал со години наназад.

Раководителот на кочанската водостопанска подружница Брегалница Кочани, Горанчо Зашов вели дека очекуваат врнежи од дожд во наредниот период за да се исполни сто процентно планот. Доколку дојде до ситуација да се намалат 1500 хектари тоа ќе биде секаде рамномерно додава тој. Инаку, дали и колкави површини во Кочанско годинава нема да се сеат со ориз ќе се знае најверојатно до крајот на месецов, кога и официјално се очекува да започне пролетната сеидба на оризот во овој регион.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет