Ќе се заштитат ли конечно граѓаните од „брзите кредити“ со новиот Закон на Владата?

Граѓаните кои користат услуги на финасиски друштва ќе добијат поголема заштита, а тенденција е и да се зголеми и довербата во финасиските друштва. Ова се впрочем целите на измените на Законот за финансиските друштва, што ги предложи Министерството за финансии, а ги усвои Владата на последната седница.

Со измените на Законот за финансиските друштва, се утврдува максималниот износ на сите трошоци поврзани со кредитот, се укинува можноста за земање кредит за затворање на претходно доспеан кредит во исто финансиско друштво, а се укинува и можноста трговските друштва што поседуваат дозвола или лиценца согласно Законот за игрите на среќа и за забавните игри да можат да бидат кредитни посредници на финансиско друштво, односно да нудат кредитни производи.

Предложените измени предвидуваат финансиското друштво да не може да склучи договор за потрошувачки  кредит, ако трошоците што не влегуваат во годишната стапка на вкупни трошоци надминуваат 60% од износот на одобрениот кредит. Надоместоците се однесуваат на сите трошоци што потрошувачот ги плаќа или има обврска да ги плати во текот на целиот период на важност на договорот, а кои произлегуваат или на каков било начин се поврзани со договорот за потрошувачки кредит или поврзани услуги. Исклучок од ова се трошоците настанати во постапка за извршување и законската казнена камата. Финансиското друштво ќе има обврска задолжително транспарентно и јавно да го објави тарифникот со надоместоците на својата интернет страница или да го истакне на видливо место во своите работни простории.

Со новиот Предлог-закон, финансиските друштва ќе треба да воспостават систем за управување со кредитен ризик, којшто се однесува на загуба на финансиското друштво поради неможност клиентот да ги намирува своите обврски во договорениот износ или рокови.

Законот го зајакнува и надзорот врз работењето на финансиските друштва, по примерот на другите регулатори (како на пример, Народна банка и Комисија за хартии од вредност), а за што ќе биде пропишан и донесен посебен правилник. Исто така, предвидени се и глоби од 8.000 до 10.000 евра за непочитување на законските одредби.

Лаура Стојанова М-Нет