Ќе се доуреди парк – простотрот во населба „Баби“ во Штип, активностите на терен во тек

Нова урбана опрема, летниковци до веќе постоечкиот спортско рекреативен центар ќе добие паркот во населба Баби во Штип. Градоначалникот Иван Јорданов, најави дека градежните активности на терен веќе се во тек и се очекува да завршат до пролетта кога граѓаните ќе може целосно да уживаат во просторот во оваа населба.

„Пред една година ветувме дека најголемата населба во Општина Штип, ќе добие нов, современ, модерен парк. Како што може да забележите од денеска започнавме со дооформување, со една целина на постоечкиот парк. Ќе се работи на нови содржини, на поставување на урбана опрема, на нови спортски и детски реквизити, веднаш до постоечкиот парк со нови летниковци и урбана опрема. Градежните активности ќе се одвиваат во наредните неколку месеци се со цел веќе напролет оваа површина, овој парк да го користат жителите од населба Баби“ – вели Јорданов.

Средствата за реализиација на овој проект се обезбедени од Буџетот на Општина Штип и Бирото за рамномерен регионален развој. Со ова се исполнува уште едно предизборно ветување дадено пред штипјани, истакна Јорданов.

„Вкупната инвестиција изнесува 4,5 милиони денари. Општина Штип заедно со Бирото за регионален развој го инвестира овој проект и со завршувањето на овој проект ќе го реализираме нашето предизборно ветување дека населба Баби ќе добие модерен и современ парк, онака како што доликува на најголемата населба во град Штип“ – додава Јорданов.

Постоечкиот спортско рекреативен центар во оваа населба свечено се отвори кон крајот на месец април минатата година. Жителите од населбата тогаш добија ново спортско игралиште со нова подлога, хортикултурно уреден простор, парк со спортски и детски реквизити. Јорданов најави дека активностите ќе продолжат и во иднина.

Лаура Стојанова М-Нет