
Овој викенд стартуваше пролетната полусезона во Првата женска фудбалска лига, а на стартот од пролетниот дел беа забележани многу погодоци.
Улза Максути продолжи да ги тресе противничките мрежи откако Ас Јунајтед со убедливи 4:0 го декласираше Топ Гол, а на овој меч стрелец на сите четири голови беше токму Максути.
Цевитана во Прилеп доживеа вистински потоп откако актуелниот шампион и лидер Љуботен со 0:6 славеше убедливо.
Новото засилување од Бразил, Наталиа Луана беше двоен стрелец, а двоен стрелец беше и Едите Силва, а по еден гол постигнаа Николовска и Алваренга Диас.
Речица забележа важен триумф во борбата за опстанок во Првата македонска женска фудбалска лига откако на теренот во Доброшане, со 1:2 славеше над Исаттов.
Ана Боризоска беше стрелец во 9. минута за 0:1, а по две минути Ева Конева израмни на 1:1. Во 29. минута Анастасија Митревска постигна гол за конечни 1:2, откако во остатокот од мечот мрежите мируваа.
Засилената Шкендија немаше сили за фаворитот Каменица Саса, откако гостинот од Македонска Каменица со 0:3 беше убедлив во мечот кој се одигра во Боговиње.
Новото засилување Стефанија Ристова во 12. минута погоди за 0:1, Нанока Иригучи во 32. минута погоди за 0:2 на полувреме. Во вториот дел Ева Андонова постигна гол за конечни 0:3.
Колото беше комплетирано денес со дербито меѓу Скопје и Тиверија, во меч каде домашниот тим забележа голем триумф над струмичанки од 2:1. Рабија Дервиши во 10. минута погоди за 1:0, а пак Теодора Настова постигна гол во 38. минута за 2:0 на полувреме.
Во финишот на мечот Ане Бошеска погоди и го ублажи поразот на 2:1.
Александар Ванев, М-Нет