Лидерот Куманово со ОСУМ гола најавува влез во Втора лига, Кадино и Фортуна пресилни

На стартот од пролетниот дел од Трета лига – Север гледачите на телевизија М Нет преку спортскиот канал М Нет Спорт уживаа во директен пренос од дерби-пресметката меѓу Еуромилк ГЛ и Шкендија Арачиново, меч кој заврши со триумф за домашниот тим од 2:1, а за што телевизија М Нет објави детален извештај.

Лидерот Куманово најавува влез во Втората лига, откако на првиот пролетен меч со 8:1 ја распадна екипата на Пехчево која лани играше во Втора лига. Кристијан Ивановски беше стрелец на три гола, двоен стрелец беше Дарио Десниќ, по еден гол постигнаа Гоце Насковски, Петре Тасевски и Андреј Јовановски, за гостинот единствен стрелец беше Јусуф Јакуповски.

Фортуна на домашен терен со 4:2 беше сигурена против Беса Влазрими. Мемеди, Мифтар, Дема и Чупи беа стрелци за домашниот тим, а Ерион Исмаили беше двоен стрелец за гостинот.

Некогашниот второлигаш Кадино со 0:4 славеше убедлива победа над „фенерџијата“ ССК Нова, во натпревар каде Далибор Николовски беше стрелец на сите погодоци.

Риниа и Башкими Љуботен ги поделија бодовите, откако одиграа реми без погодоци, играјќи 0:0.

Бутел и Петровец во дербито од долниот дел на табелата ги поделија бодовите. Двата погодоци паднаа во вториот дел, откако домашниот тим преку Илиевски во 61. минута дојде до 1:0, а пак Јетон Дарлишта во 76. минута постигна гол за 1:1.

БВК Коњаре со 2:0 беше подобар во дуелот со Аеродром, а за домашниот тим кој имаше улога на фаворит стрелец беше Атдхе Кадрију во 16. минута за 1:0, и Тентиан Пајазит во 90. минута за конечни 2:0.

Лидер на табелата е Куманово со 37 бодови, втора е Шкендија од Арачиново со 33 бодови, на делба на третото место се Фортуна и Еуромилк со по 32 бодови. На 5. место е БВК Коњаре со 29 бодови.

Кадино е шести со 25 бодови, седма е Беса Влазрими со 22 бодови, Риниа е осма со 15 бодови, а пак Башкими Љуботен е деветти со 15 бодови.

На десеттото место е ланскиот второлигаш Локомотива Пехчево со 14 бодови. На делба на 11. место со по 8 бодови се Аеродром и Бутел, на претпоследното место е Петровец со 6 бодови, а на дното без бодови е ССК Нова.

Александар Ванев, М-Нет