Јорданов поднесе кривична пријава против Трајков заради организирањето концерти во Центарот за култура

Градоначалникот Иван Јорданов поднесе кривична пријава против директорот на НУ Центар за култура „Ацо Шопов“ Штип. Ова следи бидејќи директорот Горан Трајков донел одлука за уништување на инвентарот во Центарот за култура, со цел организирање на концерти на кои е дозволено и точење на алкохол.

„Оваа пријава ја поднесуваме до надлежните институции да проверат и да утврдат доколку има одговорност од страна на директорот, бидејќи и покрај апелите не добивме одговор од Министерството за култура ниту пак се обидоа да го спречат обидот на директорот кој грубо прекршувајќи и надминувајќи ги надлежностите создал некултура во институцијата во која треба да се промовира и да се штити македонската култура“ – вели Јорданов.

Јорданов вели согласно фотографиите кои кружат по осцијалните мрежи се гледа како се уништува она што е создадено, со цел да се организираат концерти кои според него се дискутабилни. Апелира до надлежните да преземат мерки и да се стопираат или откажат концертите.

„Се гледа како е демолиран ентериерот и елементите во самиот центар за култура и сигурно некој за ова треба да сноси одговорност затоа што немаме право нешто што е создадено во минатото да се уништува со цел да се создатат услови за организирање на концерти кои се дискутабилни дали треба да се одржуваат во ваква сала и во ваква институција“ – додава Јорданов.

Инаку согласно годишната програма на НУ Центар за култура „Ацо Шопов“ Штип предвидено е да се одржат неколку концерти на познати српски ѕвезди.

Лаура Стојанова М-Нет