
Продолжи посетата на штипските основни училишта. Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, денеска се сретна со директорите на основните училишта „Ванчо Прќе“ и „Славејко Арсов“, вработените и учениците со цел да ја увиде тамошната состојба. На тој начин, како што истакна тој, ги детектираат проблемите и пронаоѓаат решенија за истите.
„Во разговор со директорите на овие училишта сакаме да направиме првичен увид на состојбата и актуелните проекти коишто се во фаза на реализација. Спортската сала во ООУ „Ванчо Прќе“ е во фаза на реконструкција. Исто така има одредени други проекти коишто во следниот период ќе бидат спроведени и реализирани. Нормално, овде сме да поразговараме и за некои ситни проблеми коишто се појавуваат во тековното работење, да ги посочиме за да се подобрат. Во конкретниов случај станува збор за реакции коишто стигнуваа до мене во врска со затоплувањето. Од страна на директорот добив информација дека не станува збор за проблем и дека ќе биде надминато тоа што било случај во текот на вчерашниот ден“, истакна Јорданов.
Директорот на ООУ „Ванчо Прќе“, Методи Папаров, пак, истакна дека е задоволен од ликот на училиштето, зашто се реализирани сите досегашни проекти во рамки на програмата.
„Досега сѐ што беше зацртано во четиригодишниот план и програма во нашето училиште е реализирано. Последно ни беше да завршиме со реконструкција на спортската сала, така што можам да кажам дека со помош на Локалната самоуправа сѐ што беше во план е реализирано во ООУ „Ванчо Прќе“. Јас сум презадоволен од тоа каков е новиот изглед во нашето училиште“, истакна Папаров.
Во текот на вчерашниот ден дел од агендата на Јорданов беа основните училишта „Тошо Арсов“ и „Димитар Влахов“, а за посетата на истите напомена дека е од витално значење за соработката помеѓу директорите и Локалната самоуправа.
Ребека Спасова МНет