
Огромен одрон на карпа вчеравечер е забележан на пешачката патека во Ново Село во Општина Штип. Звукот којшто се слушнал ги оставил без сон овдешните жители. Пријавата до надлежните односно до ЈП „Стипион“ била околу 22 часот, при што веднаш се излегло на терен. Пешачката патека е затворена поради поголемиот одрон и е небезбедна за граѓаните кои патеката ја користат за спорт и рекреација. Помали вакви одрони се забележувани минатите години, но со вакви размери не, вели директорот Ефтимов.
„Поради обилните врнежи на дожд и снег изминатите денови, вчера вечерта околу 22 часот се случи одрон на карпа на пешачката патека во Штип. Бидејќи има многу надвиснати карпи, ние како ЈП Стипион ја блокираме патеката, односно на патеката ќе има забрана за движење од потегот каде што се поставени справите за вежбање па сѐ до Ново Село. Во наредниот период, во првата прилика кога стручни лица ќе кажат дека патеката, односно местото каде е паднат одронот не е опасен за работење, со посебна машина клукач ќе гледаме да ги срушиме карпите кои се надвиснати со цел патеката да ја ослободиме за движење“ – кажа Ефтимов.
За алтернативно решение Ефтимов истакна дека ќе се чекаат одлуките и изјавите на стручните лица. Во игра се неколку предлози за решавање на проблемот.
Според информации од надлежните на лице место, станува збор за падната карпа околу 150 метри кубни, но и потенција за паѓање на дополнителни 100 метри кубни. Висински карпата е од 25 до 30 метри. Инаку, на местото каде денеска се регистрирани одрони од падната карпа претходно стоеше проектот за изградба на жичара до Исарот.
Лаура Стојанова М-Нет