Јане Миланов нов в.д. градоначалник на Штип

Од денес па до 13 декември повторно Јане Миланов  ќе биде во првата фотелја на градот, овојпат не како заменик градоначалник туку како в.д градоначалник на Штип. Ова е една од одлуките на Советот на општината кој денес одржа седница во намален состав. Одлуката беше едногласна и неспорна изјавија дел од советничката група на СДСМ, кои велат дека не се согласни со постапката на опозицијата, односно на советничката група на ВМРО ДПМНЕ која ја напушти седницата под образложение дека претставниците на партијата на власт прават опструкции, го кршат деловникот за работа им ги ускратуваат правата на советниците особено во делот кога треба да направат избор дали ќе ја следат седницата со физичко присуство или пак онлајн. Иако предходно навремено им се доставени сите материјали за одржување на седница можноста за измена на дневниот ред им овозможи на советниците од ВМРО ДПМНЕ да се изјаснат за измени на начинот на одржување на седницата. Зошто позицијата инсистираше на одржување на протоколарните здравствени препораки  и одржување на онлајн седница никој не проговори официјално. Неофицијалниот став на партијата на власт е високата галама која ќе ја продуцираат советниците во вербалните пресметувања за прашања од дневниот ред како и предлог прашањата кои евентуално ќе ги поставела опозицијата, а кои ќе предизвикале бурни дискусии. Тоа ќе значело кршење на здравствениот протокол во време на пандемија по неколку основи, став со кои не се согласни опозиционерите  чии високи претставници  секојдневно гласно говорат за најстрога примена на протоколарните мерки. Контрадикторности во хоризонтала на партиско државно локално ниво не се ништо ново. Но за предвидувањата на текот на седницата на штипскиот совет не коментира преседавачката која спротивно од тврдењата на советничката група на ВМРО ДПМНЕ изјавува дека деловникот за работа дословно е почитуван.

 Маријана Рогожарска Попова за М Нет изјави дека одлуката за онлајн следење на седницата на штипскиот Совет, уследила по донесените решенија за самоизолација на дел од советничката група на ВМРО ДПМНЕ кои биле во контакт со лице носител на коронавирусот.

Напуштањето на седницата на која советниците го имаа законското право преку гласање да изберат веде градоначалник јавноста го толкува различно. Самоускратувањето на правото на глас или бојкотирањето на оваа седница на штипскиот Совет некои го толкуваат како предвреме потпишана капитулација во трката за избор на градоначалник која ќе следува по два месеци. Друг став на дел од јавноста се однесува на можни меѓупартиски  договори и политички игри помеѓу позицијата и опозицијата, а додека третата претпоставка на јавноста се однесува на тоа дека со напуштањето на седницата советниците од  ВМРО ДПМНЕ на своето постојано гласачко тело му упатуваат порака дека се обесправени и дека  гласачите ќе треба за два месеци да го дадат сопствениот максимален доприност со кој во Штип ќе позиционираат градоначалник од редот на опозицијата. Како и да е, престојните два месеци се очекуваат тестирања по сите основи на штипската политичка сцена  чија колоритност  или монотонија ќе зависи од расположението на неговото височество гласач.

Маре Стојилова М нет

Игор Зиврев М нет