Јана Ацковска ново засилување за прволигашот Кочани, повратникот сезоната ја отвара против Скопје!

ФОТО: ЖФК Кочани

Повратникот во Првата женска фудбалска лига, екипата на Кочани се засили со Јана Ацковска, која доаѓа од редовите на второлигашот Слободен.

Ацковска е искусна фудбалерка, низ својата кариера има настапувано за Скопје, Истатов и за велешки Борец.

Ацковска е 24-годишна фудбалерка која четири пати беше шампион на Македонија со екипата на Скопје, а сега треба своето искуство да го пренесе и во Кочани, клуб кој по неколку години се врати во Првата женска фудбалска лига, а кој го води Оливер Јовановски.

Екипата на Кочани новата сезона ја отвара против Скопје на гостински терен, а денешната ждрепка посака во првото коло шампионот Љуботен во Тетово да го пречека Истатов, Тиверија Брера ќе гостува кај Топ Гол, Речица ќе игра против Каменица Саса, а пак Ас Јунајтед ќе биде домаќин на Атлетико.

Последнопласираната екипа директно испаѓа од Прва во Втора лига, а пак претпоследната екипа игра бараж за опстанок со екипата која ќе биде втора на табелата во Втората лига.

Новата сезона во Првата женска фудбалска лига ќе биде отворена на 17 август.

Александар Ванев, М-Нет