Ѓоргиев и Љафтов со нови предизвици: Македонските одбојкари се селат во Чешка и Унгарија

Двајца од најстандардните македонски репрезентативци, капитенот Никола Ѓоргиев и примачот Александар Љафтов, решија да ја променат клупската средина на полусезоната и да започнат нови интернационални авантури во продолжението од сезоната.

Искусниот коректор Никола Ѓоргиев во првиот дел од шампионатот настапуваше за романскиот Динамо Рапид, а од сега ќе ги брани боите на Карловарско, актуелниот лидер во чешката Екстралига. Чешкиот клуб официјално го претстави македонскиот капитен, за кого ова ќе биде веќе 21. интернационална сезона во богатата кариера, а воедно и прв настап во Чешка.

Александар Љафтов, пак, по шестмесечниот престој во Кувајт, се враќа на европската сцена и потпиша договор со унгарскиот МАВ Елоре, клуб кој важи за еден од главните кандидати за шампионската титула во домашното првенство. За Љафтов ова претставува нова можност за докажување во силна и конкурентна лига.

Двајцата интернационалци веќе им се приклучија на своите нови екипи и ќе бидат дел од вториот дел од сезоната, а нивната форма и минутажа ќе имаат големо значење и за националниот тим, кој летово го очекуваат настапи во Европската лига 2026, како и учество на Европското првенство 2026.