
По едномесечна пауза, викендов продолжуваат возбудувањата во македонската женска одбојка, со стартот на пролетниот дел од првенството во Првата и Втората лига за сезоната 2025/26.
Во Првата лига на програмата е 10. коло, со кое започнува вториот дел од регуларниот дел на сезоната. Главното внимание ќе биде насочено кон дерби-средбата меѓу дебитантот Газели Волеј и лидерот Наковски Волеј. Тимот од Струмица го заврши првиот дел од сезоната на третата позиција и важи за едно од најпријатните изненадувања во првенството, додека Наковски во продолжението влегува како непоразен и убедливо прв на табелата. Натпреварот ќе се игра во салата „Форца“ во Скопје со почеток од 19:30 часот и ќе има директен телевизиски пренос на МРТ3.
Во останатите натпревари од колото се среќаваат Вардар ЕМ – Ускана, Фит Фан Волеј – Младост УГД и Струмица жени – Работнички Скопје. Десеттото коло ќе биде комплетирано во вторник, кога актуелниот шампион Јанта Волеј ќе го пречека составот на Пелистер Волеј.
По завршувањето на регуларниот дел, екипите пласирани од првото до осмото место ќе обезбедат учество во плеј-офот. Деветтопласираниот тим ќе игра бараж со второпласираната екипа од Втората лига за опстанок во елитата, додека последнопласираниот директно ќе испадне во понизок ранг.
Возбудливо се очекува да биде и во Втората лига – жени, каде Фламинго Волеј како непоразен лидер е најблиску до директен пласман во Првата лига за следната сезона. Сепак, Вардар жени и Форца Волеј ЕМА најавуваат сериозна борба за врвот и ќе се обидат да ја искористат секоја шанса за да го нарушат приматот на лидерот.
По одигрувањето на 12 кола од пролетниот дел, првопласираната екипа во Втората лига ќе обезбеди директна промоција во Првата лига – жени за сезоната 2026/27, додека второпласираниот тим ќе игра бараж натпревар со деветтопласираниот од елитата за место во најквалитетното друштво.