
Со бронза се врати штипјанката Андреа Нисева од Европското првенство во борење, кое се одржа во Капошвар, Унгарија. Во четирите борби, Нисева обезбеди три победи и еден пораз, а за бронзениот медал се покажа подобра од натпреварувачка од Полска.
„Во првата борба победив натпреварувачка од Турција со резултат 12:7, втората борба, за жал, ја изгубив со натпреварувачка од Грузија со резултат 4:1, третата борба ја победив со напреварувачка од Русија со резултат 7:0 и последната борба, борбата за бронза ја победив со натпреварувачка од Полска. Благодарност до тренерите Методи Сичков, Кире Нисев и Гордан Николов и до претседателот Марјан Атанасов. Најголема заслуга имаат моите клубски другари кои ми помогнаа да ја достигнам оваа цел“, истакна Нисева.
За Нисева следуваат подготовки во Азербејџан, а по 20 септември и десетдневни подготовки во Истанбул, Турција. До крајот на годината пред нив се уште седум меѓународни турнири.
„Мојата цел, на тренерите и управата е во наредната Олимпијада во 2028 година, кога ќе имам полни 18 години, да настапам и да се вратам со медал, а со тоа да ја продолжиме традицијата на штипското борење“, додава Нисева.
Инаку, борачката на штипска Олимпија настапуваше за Бугарија, поради суспензијата на клубот и недоразбирањата со нашата Федерација. Европското првенство за У-15 се одржа од 6 до 9 јули.
Ребека Спасова М-Нет